Clicon е испириран од растечката потреба кај малите бизниси за подобрување на деловната комуникација. Clicon претстави подобрен процес преку ново решение за фактурирање достапно за секој сопственик на бизнис. Онлајн фактурирањето не само што ги решава овие проблеми со тоа што го забрзува и поедноставува процесот за праќање на фактури и нивно следење, исто така и ги намалува трошоците и ги забрзува плаќањата.
Опремен со статистики, уредна и real time интеракција како и посветена бизнис заедница, Clicon станува вистинското решение кое е потребно за секој сопственик на мал бизнис.
Clicon е една од компании кои имаат добиено поддршка/грант од Фондот за Иновации и Технолошки Развој.
МД: Кажете ни со што поточно се занимава вашата компанија?
Clicon: Нашата компанија е софтверска компанија, доста сме нови на пазарот, постоиме само 10 месеци во кој период развиваме продукт кој беше награден од Фондот за Иновации и Технолошки развој. На пазарот сме околу 2-3 месеци, веќе го комерцијализираме нашиот продукт, првичните резултати ги надминаа нашите очекувања, моментално имаме над 300 компании регистрирани на Clicon, а Clicon всушност претставува платформа за бизниси. Тоа е еден вид на социјална мрежа за сопственици на бизниси, секоја компанија може да изгради свој сопствен профил, сама ги ажурира своите податоци со што се претставува пред останатите конкуренти и компании. Со овој потег, малите компании за кои што е наменет Clicon, имаат поголема можност да бидат најдени онлајн. Од друга страна исто така овозможуваме и мал финансиски менаџмент или комуникација помеѓу бизнисите. Преку нашиот сервис може директно да се испраќаат понуди и профактури до другите компании во реално време, без разлика дали тие компании веќе се наоѓаат на нашата платформа, или вие допрва ќе ги додадете како ваши соработници. Во склоп на платформата имате опција за пребарување на компаниите по различни категории, дали се тоа градови, држави, вид на услуги кои ги нудат и сл.
МД: Дали може да ни кажете што е иновативно во тоа што го работите?
Clicon : Сите веќе знаеме дека софтвери за фактурирање постојат, меѓутоа самото тоа што ние делуваме како социјална бизнис мрежа е иновативниот дел во овој проект. Тоа што Фејсбук претставува за физички лица, Линкед ин за професионалци, тоа Clicon сакаме да претставува за компаниите. Ако ве интересира било што поврзано со одредена компанија, се што ќе треба да направите е да го проверите Clicon профилот на истата таа компанија.
МД: Колку сте задоволни со развојот на идејата и какви ви се плановите за во иднина?
Clicon : Како што напомнав и претходно, ние сме доста млада компанија, која на пазарот се наоѓа само 2-3 месеци, со почетни очекувања кои веќе ги надминавме, што всушност и индицира дека постои интерес за едно вакво решение. Би сакале до крајот на оваа година да го надминеме бројот од 700 активни кориснички профили (компании). Кога веќе ќе ја постигнеме таа цел, размислуваме за барање и на следна инвестиција која би допринела за усовршување на решението и негово пласирање на интернационалниот пазар. Моментално Clicon е наменет за компаниите во Македонија, но целта не ни е да застанеме тука, туку во иднина би сакале да се прошириме и на интернационално ниво.