Дете талент! Така го запознавме младиот Дарјан Шекеров кој плени со својата скромност и интелигенција. Обврските во основно училиште си ги завршува навремено, а потоа се впушта во светот на информатичката технологија каде најдобро плива. Веќе одлично познава неколку програмски јазици, креира иновативни андроид апликации и освојува награди на домашни и странски натпревари по информатика и математика. Вели со многу труд и работа се се остварува и тогаш кога не победува, или не освојува едно од трите места.
МД: Кога почнавте да се занимавате со програмирање и што мислите за иновациите во информатичката технологија.
ДШ: Уште многу мал бев фасциниран од компјутерите, технологијата и познатите програмери во сетот. Сакав да научам да програмирам, да бидам како нив, па почнав пред четири години да изучувам програмирање. Најпрво учев програмски јазик C++, а потоа почнав и да се натпреварувам на училишните и државните натпревари по информатика. Ми беше се поинтересно и поинтересно, па почнав да посетувам и други курсеви за други програмски јазици како HTML, Visual Basic, C#, Java и др. Иновациите, особено тие од 21. век се голем фактор во човечкиот живот. Тие се битен дел од секојдневниот живот. Тие се производ од многу природни и општествени науки: информатика (роботика, машини, програмирање и сл.), медицината, математиката, физиката, хемијата итн. Живот без тие технолошко-информатички иновации би бил невозможен според денешното живеење и потреби.
МД:Кои се вашите најголеми достигнувања до сега и дали ќе учествувате на интернационални натпревари во следниот период?
ДШ: Мои најголеми успеси и достигнувања се: мојата најнова и најпозната мобилна апликацијата „Слико збор“, симната 9,6 илјади пати на Google Play Store, која е наменета за деца со аутизам и попреченост во говор.
Нејзината презентација на меѓународната научна конференција 2016 год. во хотел „Молика“ во Битола, во организација на МАНУ – Македонската Академија на науките и уметностите, факултетот ФИНКИ и на Летната Истражувачка Школа од Академијата на Науки од Благоевград, Бугарија.
Потоа бронзениот медал на Јуниорската Балканска Олимпијада по Информатика 2016 во Скопје, бронзениот медал на МГ Куп 2016 во Белград, прво место на регионален и државен натпревар по информатика 2015 и на регионален натпревар по информатика 2016, втора награда на државен натпревар по математика 2015, трета награда на државен натпревар по хемија 2016, и две трети места на интернационалниот натпревар по програмрање во јазикот Scratch во Романија (2015 и 2016).
За наредните интернационални натпревари, се подготвувам подобро и се разбира дека ќе учествувам надевајќи се на уште поголем успех.
МД: Колку време сте дел од тимот на талентирани деца (ICT talent) при центарот Илумине и што е ново и иновативно што учите и работите сега?
ДШ: Јас сум дел од (ICT Talent) академијата на центарот ИЛУМИНЕ веќе две години кај тимот на Илумине воден од проф. Борис Попов и со негова помош и ангажман ги остварив и резултатите на националните натпревари по информатика. Моментално се изучува програмирање – PHP кој ни помага во други дисциплини и ни го збогатува практичното знаење, а ќе се подготвуваме за следните натревари кои претстојат наредните месеци во државата и во регионот, како и на претстојниот Codefest јуниор каде бевме и минатата година како прва генерација.
МД: Каде мислите да продолжите со вашето образование во иднина?
ДШ: Па бидејќи сум основно училиште имам се уште многу да учам и научам и во формалното и во неформалното образование. Секако сакам иднава година да се запишам во средно училиште или во гимназијата „Раде Јовчевки-Корчагин“ или „Орце Николов“ или во некое од приватните средни училишта ако успеам да бидам забележан како потенцијал и да добијам стипендија. Потоа секако дека треба уште многу работа во областа на информатичката технологија бидејќи многу бргу се менува, се иновира и напредува. Потоа веројатно на некој престижен факултет за информатичка технологија.