Гордана Ѓорчева за (Pet Friendly Places): Животот со домашен миленик, особено со куче, тоа не се опишува со зборови - Македонија Денес

Гордана Ѓорчева за (Pet Friendly Places): Животот со домашен миленик, особено со куче, тоа не се опишува со зборови

Facebook Twitter Pinterest Linkedin Google + Email
Опомена!!!

Акција (Pet Friendly Places) – Познатите и нивните домашни миленици

Натпреварот за “НАЈТРЕНДИ МИЛЕНК ЗА 2016 година” заврши. Целта на истиот беше подигање на свеста за улогата на домашните миленици во нашите животи, за улогата на милениците во семејствата со децата и за нивната инклузија во општеството. За таа цел, сите пријавени учесници, но и оние кои сакаатда се вклучат се поканети на 20ти Јануари 2017година на дружба во акцијата за означување на “Pet Friendly Places”. Места каде може да влезете и престојувате со вашиот домашен миленик (организации, кафетерии, книжари, угостителски објекти, хотели, јавни установи, итн..)

Во оваа акција веќе ни се приклучија и неколку од познатите лица и општествено одговорни сограѓани. Истите ќе бидат објавувани до 20ти Јануари кога ќе може да се дружиме сите заедно. Ќе може да гласате и за нив и нивните миленици. За оние со најмногу гласови ќе следуваат изненадувања.

Наш соговорник денес и поддржувач на акцијата е водителкана на МТВ, Гордана Ѓорчева кој во ова ексклузивно интервју за Македонија Денес ќе ни открие интересни детали за животот со нејзиниот миленик Леон за кој вели дека комплетно и го сменил животот.

МД: Каков е вашиот однос кон домашните миленици, какво место има тој/таа во вашето семејство и од кога имате домашен миленик?

Гордана Ѓорчева: Уште кога бев многу мала ги сакав животните. И точно знаев дека еден ден ќе имам домашен миленик, но не знаев што сакам. Мојата одлука беше пресудна во моментот кога пред точно 10 години во мојата населба сретнав човек со сибирски самојед. Тоа беше љубов на прв поглед. Веднаш знаев дека тоа е тоа што го сакам. Воопшто не се распрашував за карактерните особини на таа раса, само знаев дека сакам да имам такво куче. И никогаш не се покајав. Дефинитивно Леон е најмирољубивото и најумното суштество, кое го сакам со целото мое срце. Уште во првиот момент кога го пречекори прагот на нашиот дом, Леон го привлече целото внимание и комплетно ни го промени нашиот живот.

МД: Дали сте имале проблеми кога со вашиот миленик ќе влезете некаде во вашиот град или низ Македонија?

Гордана Ѓорчева: Мислам дека во последниве неколку години чувањето домашен миленик стана секојдневие во скоро секој дом. Но, и покрај тоа секојдневно се соочувам со непријатни реакции и коментари. До пред некоја година на пример, имав проблем на лето да појдам во Охрид, затоа што сопствениците на апартмани не примаа домашни миленици. Во тој поглед ние сме далеку од Европа и европските закони и стандарди. Во 2009 година бев на летување на Бол на Брач. Јас не можам да ви ја опишам мојата вчудоневиденост кога на почетокот на плажата Златни рат на една табла прочитав ,,Плажа за кучиња,,. Тоа мислам дека кај нас никогаш нема да се случи.

МД: Дали ни недостасуваат места кои се пријателски за домашни миленици(кученца, мачиња, итн) повеќе “Pet Friendly Places”, каде можете да се дружите со ваши пријатели?

Гордана Ѓорчева: Освен во градскиот парк, јас искрено немам такво сознание дека постојат посебни места за дружење на нашите миленици. Да, постојат кафулиња низ нашиот град каде што можам да седнам да испијам кафе со мојот миленик, и уште да ми дадат и вода за него. Но, ми се случило да сакам да седнам и да ми кажат дека милениците не се добредојдени, што навистина многу ме фрустрира и не ми е јасно што е тоа што им пречи, доколку мојот миленик е на ланец и мирно си седи до мене додека го пијам моето кафе.

МД: Опишете ни ја реакцијата на дечињата кога ќе ве видат со миленик, како реагираат?

Гордана Ѓорчева: Во мојата населба има многу дечиња, кои навистина сакаат да го погалат, да си поиграат со него. Но, многу често наидувам на реакции од родителите, посебно кога во паркот го пуштам да се истрча и да си поигра. Иако културно се обидувам да објаснам дека Леон не е агресивен и нема никакви шанси да нападне било кого, дека многу сака деца, за жал не наидувам на разбирање. Напротив, постојано чувствувам тензија и не се чувствувам пријатно кога го шетам. Не знам зошто, но кај родителите постои голема недоверба, а притоа воопшто не помислуваат дека јас како сопственик на такво големо куче имам огромна одговорност, и точно знам дека не може да се случи ништо непријатно. И во сите овие 10 години Леон навистина ја оправдува целата моја доверба во него.

МД: Што ќе им препорачате на оние што немаат домашен миленик?

Гордана Ѓорчева: Само оние што имаат миленик, знаат што сакам да кажам. Да се дели животот со домашен миленик, особено со куче, тоа се моменти кои не се опишуваат со зборови. Тоа е една искрена љубов, постојано разменување на огромна позитивна енергија, посебна топлина во домот… Чувството кога ќе ја отклучите надворешната врата, кога се враќате дома, тој срдечен, искрен и весел пречек, не можам да го споредам со ниту една љубов на овој свет. Тоа е најверниот пријател, кој секогаш е расположен за вашето друштво.

Опомена!!!
Facebook Twitter Pinterest Linkedin Google + Email

Поврзани вести

Translate »