недела, 15 јануари 2017
Следете не на FACEBOOK!!!
Ви благодариме!

ХАС Инженеринг

ХАС Инженеринг е компанија која е основана во 2014 година во Скопје од страна на тројца дипломирани електро инженери. Идејата за оформување на компанија доаѓа заедно со идеjата за развој на систем за домашна автоматизација кој ќе биде со достапни цени за македонскиот пазар. Покрај системите за домашна автоматика дејствуваат и во областа на индустриска автоматика, автоматизација и визуелизација на HVAC системи (системи за греење, вентилација и климатизација) и системи за техничко обезбедување.

ХАС Инженеринг е една од компании кои имаат добиено поддршка/грант од Фондот за Иновации и Технолошки Развој.

МД: Кажете ни со што поточно се занимава вашата компанија?
ХИ: Јас сум Николче Мојанчевски од ХАС Инженеринг, нашата компанија е веќе 2 години присутна на македонскиот пазар, генерално работиме со индустриска автоматика, а сега пробуваме да промовираме домашна автоматика. Производот е комплетно наш, произведен во Македонија и е доста конкурентен со останатите компании кои работат со домашна автоматика, како кај нас така и во странските пазари.

МД: Дали може да ни кажете што е иновативно во тоа што го работите?
ХИ: Иновацијата се состои во тоа што може да го управувате вашиот дом, административен или деловен објект од било каде преку интернет. Системот опфаќа вклучување и исклучување на домашно осветлување, шуко приклучници, автоматизирање на ролетни, греење и ладење… целиот тој процес може да го приспособите по ваш распоред, да сите тие се вклучуваат или исклучуваат кога вие ќе посакате. Предноста на овој систем главно е комфорот и штедењето на електрична енергија. На пример можете да вклучите греење 30 минути пред да пристигнете дома, што ви ствара комфор, додека истото може да се регулира да се вклучува само во одреден период од денот, и на зададена температура, што всушност ви штеди електрична енергија.

МД: Колку сте задоволни со развојот на идејата и какви ви се плановите за во иднина?
ХИ: Развојот до сега се одвиваше според посакуваното, се беше завршено во предвидениот рок со што ја постигнавме и нашата цел. Веќе го имаме имплементирано нашиот проект во неколку објекти, а се надеваме дека нивниот број во иднина ќе расте. Целиме кон глобално прифаќање на овој тренд и имплементација на нашиот проект во што поголеми проекти кои ќе понудат дополнителни предизвици така што и ние би можеле да го надоградуваме системот согласно истите.

Translate »