Joe Greaney е директор на WESTBIC (West Business Innovation Center) во Галвеј, што го покрива западниот дел на Ирска. Џо Грини бил претседател на EBN (European Business Network) и Претседавач на Асоцијацијата на центри за развој на бизнисот на Европската Унија во Ирска. Џо доставувал техничка поддршка во Применета Иновација до владини институции низ Европската Унија, како и во земји што не се членки, како Либан, Јордан, Македонија, Турција и Украина.
Како се развиваше Ирска во изминатите двадесет години? Дали имаше патека на развојот?
Имаше патека која започна со образование. Во Ирска наголемо се инвестираше во образование. Владата беше главниот инвеститор во тој поглед. Мислам дека луѓето на образованието гледаа како пасош што ќе ги извлече од сиромаштијата. Во четириесеттите, пеесетите, шеесетите години имаше масовна емиграција кон САД, Англија, Австралија. Многу од луѓето што емигрираа почнаа да праќаат пари во Ирска за да се образова следната генерација, а интересот беше огромен. Со тек на време влогот се исплати потполно. Денес овде живее една од подобро образованите популации во светот, што придонесе луѓе од целиот свет да ги испраќаат своите деца да учат овде, затоа што сметаат дека нашиот систем е добар.
Исто така, имаме среќа што народот зборува англиски, што е оставнина од старите колонијални денови кога Британија владееше со Ирска. Британската власт помалку или повеќе ги условуваше луѓето да зборуваат англиски на сметка на мајчиниот јазик. Сепак, гледано долгорочно, може да се каже дека ова се исплатеше за нас затоа што поголемиот дел од директните странски инвестиции потекнуваат од Америка, а инвеститорите ја одбираат лесната опција да соработуваат со луѓе што веќе зборуваат англиски. Дополнителна добра околност е што компјутерската индустрија ја предводат луѓе што зборуваат на англиски.
Луѓето во Ирска имаат компјутерска писменост, го зборуваат англискиот јазик и очигледно, имаат прилично солидна работна етика. Тоа што треба да се сработи бидува сработено. Не креваме многу врева околу работните задачи и избегнуваме да наметнуваме барања или очекувања од вработените што не се спроводни на ефикасен учинок. Може да се каже дела луѓето во Ирска се практични по природа.
Веројатно денес имаме корист од тоа што порано бевме земја со негативен одлив на население, што ја создаде ирската дијаспора која е присутна низ светот и е прилично популарна. Меѓу другото, никогаш не сме нападнале друга земја и важиме за пријателска земја. Впрочем, Ирска беше под туѓа власт и успеавме да се ослободиме од тоа. Во многу земји има Ирци што работат во секоја индустрија, а тоа е голема предност. Во многу индустрии има втора генерација Ирци што се членови на компаниските одбори. Според тоа, негативниот одлив на население се на крајот се претвори во позитивна предност. За жал, негативниот аспект е тоа што нашиот мајчин јазик беше истуркан од употреба, но и во тоа може да се најде нешто позитивно. Американските компании што сакаа да се преселат во Европската Унија, многу им беше лесно да дојдат во Ирска затоа што овде не постои јазична бариера и затоа што земјата е веќе во ЕУ и ги нема трговските бариери.
Спомнавте дека во Ирска владее добра работна етика. Заради различните културни искуства во минатото и промената од еден во друг систем во Македонија постои недоследност во работната етика. Како може земјата да достигне добра работна продуктивност?
Тоа не е нешто што може да се создаде прекуноќ или нешто што може да се научи на факултет. Мислам дека добрата работна етика на Ирците потекнува од нелагодност и од потребите, а се вели дека потребата е мајка на изумот. Голем број Ирци, вклучувајќи ме и мене, имаат скромно потекло од провинцијата, од мали фарми. Тоа те прави изумител и креатор, човек што решава проблеми и прави да се справуваш со нелагодности, па така може да се каже дека стануваме најдобри кога околностите се против нас. Ирска прилично добро се снајде за време на рецесијата и беше светла точка во Европа. Парите за спас на економијата ги искористивме добро и ја ставивме во погон нашата економија. Никој друг не го постигна тоа. Значи, најдобро се работи кога има негативен притисок.
Како да успеете во Македонија? Не ја познавам културата доволно добро, но можам дада кажам дека треба треба да постои стимул за добар учинок. Работата треба да се професионализира и да се „продуктизира“. Мислам дека деновите на „сештолозите“ се поминати. Мислам дека треба да имате перфектно корисни инженери , добри менаџери, треба да водите економија што е гладна за тргување, мора да имате добри бизнисмени. Додека студирав имавме предавање на гостин кој кажа дека на секои пет Финци со актовки што продаваат фински производи во нивната земја, има само еден Ирец што го прави истото во Ирска. Овој податок ни покажа дека пред нас има долг пат за да станеме трговски народ, додека да научиме како да излеземе од земјата и да правиме зделки во странство, да продаваме производи и услуги, да градиме односи. Ова искуство е витален компонент на добрата работна етика.
Исто така треба да воведете систем на наградување преку даночниот систем, каде што луѓето што остваруваат успеси ќе бидат херои. Треба во вашата култура да ја воведете пораката дека вреди да работиш трудољубиво дваесет-триесет години, дека не се исплати човек да не работи и тоа дека луѓето што работат се посреќни во животот. Но, овие пораки мораат да бидат спроведени во економијата што нуди задоволство во работењето. Не можеш, на пример, да обучиш 10000 добри инфо-технолошки инженери а да има работа за само 1000 во тоа поле. Се подразбира внимателно, стратешко, макроекономска планирање од страна на владата; подразбира да се воспостави добра соработка помеѓу секторите што имаат удел во економијата; типично, како што кажав претходно, образованието, трговските синдикати, трговските комори и здруженија и владата треба да ја создадат таа атмосфера каде што секој ќе се почувствува дека седнува на планерската маса како еднаков со цел да разглобува прашања за даноците, за стимулите што поттикнуваат и потиштуваат. Секаде каде што постои форум на луѓе постои и можност да се создаде култура. Работењето што се заснова на продуктивност и на знаење секогаш се исплаќа. Таквата култура треба да се гради со време.
Со што се занимава организацијата што ја водите? Како соработувате со луѓето во релевантните области и како комуницирате со владата во однос на потребите и проблемите?
Јас сум директор на центар за бизнис и иновации на Европската Унија. Се работи за непрофитна организација која е една од најраните примери за јавно-приватно партнерство во Ирска што датира од 1987. Приватниот сектор има улога во ова. Ние привлекуваме пари од приватниот сектор, имаме претедател на одборот што доаѓа од приватниот сектор. Од друга страна, главнината на грантот ја доделува јавниот сектор односно владата, кој изнесува 40 отсто од средствата на наше располагање; на основа на таа сума ние градиме и развиваме така што го продаваме нашето знаење и експертиза на пазарот на претприемништво, на пазарот на мали и средни претпријатија. Потоа правиме договори и сме во улога на извршувачи на тие договори и на пошироките програми што потекнуваат од Брисел, кои преку Даблин стигнуваат до регионите во Ирска. Ние се позиционираме да ги продаваме услугите што им се потребни на разните сектори, а тоа е добра стратешка одлука од наша страна. Од сево ова се стекнавме со бизнис модел што функционира на дело.
Како разговараме со владата? Со тек на време лобиравме и сега сме на позиција каде што ние можеме да ја консултираме државата за нејзините политики. Бараме да оставиме наш белег. Развиваме политика за претприемништво, развиваме политика за извоз, развиваме политика за се што е потребно; државата не прашува да делува до ирските центри за бизнис и иновација и се асоцираме како група. Броиме петмина, но тоа не претставува проблем. Како дел од асоцијацијата имаме публика, односно форум во кој се носат одлуки, изготвуваме документи, ги испраќаме онаму каде што треба и очекуваме да бидеме третирани со почит. Сево ова функционира на свој, воопшто небирократски начин, така што стигнавме до позиција каде што сме дел од државата во пределот на изготвување политики. Навистина е корисно да си од двете страни на равенката- и во изготвувањето политики и како извршувач на тие политики. Така е полесно да се зачне движење.
Значи воопшто не претставува проблем да се сретнете со владин претставник, односно нема потреба да се пробивате низ бирократија за да имате средба со некого?
Воошто не. Воспоставивме линии на соработка каде што секогаш има човек што е назначен за кореспонденција, човек што во секое време ќе одговори на повик. Ова се јавни службеници во државни тела што работат на соодветното ниво на одговорност, кои ќе ја примат и спроведат пораката или брањето онаму за каде што е наменето. На пример, минатата година ја владата издаде последната подновена политика за поддршка на претприемништва каде што има цела страна што е посветена на нашата дејност и на улогата што можеме да ја играме во разни околности. Не има и во други документи. Пред десет или петнаесет години ова не беше возможно. Значи, си бара време. Процесот е спор и треба да се изгради веродостојност. Луѓето мора да веруваат во тоа што го правиш. Мора постојано да каниш политичари на твои настани, мораш да изготвуваш документи, мораш да бидеш присутен на пазарот. Мораш да имаш профил, мораш да воспоставуваш добри односи, мораш да се погрижиш да го каниш премиерот, министерите на настани каде што треба да се соопшто некое значајно достигнување, а тие треба да дознаат да тоа. Компанијата ја водам 27 години. Процесот е долг. Мораш да постојано да се гради и надградува.
Што би им препорачале на претприемачите во Македонија и на малите и средни претпријатија во поглед на поврзување со соработници во други земји од ЕУ
Поврзувањето може да се постигне преку трговските комори, преку универзитетите или на било кој начин што ќе востостави некаква асоцијација. Навистина е тешко да успееш на своја рака. Мојот предлог е компаниите да се групираат и да здружуваат ресурси, да развиваат системи на членство. Има начин како да се подадете кон светот. Сметам дека заврши времето на компании што доставуваат производ или услуга само на локалниот пазар. Кога ќе започнеш компанија таа мора да има појдовна амбиција да продава производи и услуги надвор од домашниот пазар. Денот кога ќе сработите концепт, идеа, веќе треба да барате излез од земјата, да барате колеги во сферата на истражувањето и иноватори во сферата на иновациите. На тој начин уште пред да го лансирате вашиот производ и пред да ја лансирате првата рунда на инвестициски капитал, веќе ќе имате луѓе во други земји што ќе бидат дел од тоа што го создавате. Споредбено на ова, вие ќе бидете дел од следниот обид што ќе го започнат овие луѓе. На овој начин се шири меѓународниот отпечаток што може да го направи бизнисот, а тоа бара не повеќе од десет луѓе што можат да се наоѓаат во четири земји. Зошто да не? Ова е сосем изводливо.
извор: macedonia2025.com