Интервју со Г-ѓа Ана Петровска, директор на ООУ Кирил и Методиј, Стајковци. Училиштето беше многу актуелно летово за време на природната катастрофа која го зафати Скопје, беше среде област со најмногу поплавени, имаше и жртви. Сепак успеа да одпочне со настава на 1ви септември 2016 година. Дознаваме дека и покрај тоа што беше центар од каде се менаџираше расчистувањето по поплавата, од каде се дистрибуираше хуманитарната помош, сепак училиштето и вработените биле доста активни и иновативни изминатите години. Вакви училишта се издвојуваат во нашата држава, затоа би сакале да дознаеме од прва рака повеќе за училиштето и работата на професорскиот кадар кој го има, за иновативните активности, настани и работење при едукација на учениците. Повеќе за проектите од ЕУ програмите и плановите за во иднина
МД:По што е препознатливо вашето училиште, колку деца брои училиштето колку професорски кадар има и какви манифестации и успеси имаат до сега учениците?
АП: OОУ „Кирил и Методиј“- Стајковци, Скопје е лоцирано во централниот дел на Стајковци, Oпштина Гази Баба – Скопје. Од градот Скопје е оддалечено 8 км. Во рамките на училиштето припаѓа и подрачното училиште во с.Страчинци. Двете училишта работат во две смени. Вкупниот број на запишани ученици во OОУ „Кирил и Методиј“-Стајковци изнесува 465, од кои 98 ученици се во подрачното училиште во Страчинци и 367 ученици се во Стајковци. Во училиштето се вработени 38 наставници од кои 25 изведуваат настава на македонски наставен јазик а 13 на албански наставен јазик. Покрај наставниот кадар во училиштето функционира стручна служба составена од библиотекар, педагог, психолог и дефектолог. За успешно реализирање на целокупниот воспитно-образовен процес се вклучени и останати служби – административна и помошно-техничка служба. Во нашето училиште се организираат најразлични едукативни работилници, предавања за ученици, родители и наставници, наставно-научни посети, конференции за едукација на наставниот кадар, манифестации. Најголем дел се предвидени во Годишната програма за работа на училиштето, некои традиционално се одбележуваат секоја година, но и многу други кои тековно се реализираат по иницијатива на учениците, родителите, вработените, локалната самоуправа или пак како предлог во соработка од друга институција. Дел од нив се: Денот на јазиците, Ден на благодарноста, Ден на албанската азбука, одбележување на Денот на училиштето, каде имаме еднонеделни активности на кои се презентира работата на училиштето и од хуманитарен карактер, додека на централната прослава во Стајковци се вклучени ученици. Се организираат и манифестации од хуманитарен карактер како што се многу бројните базари, Кругот на хуманоста во соработка со Спомен куќата „Мајка Тереза“, Велигденски базар, најразлични работилници каде што дирекно се вклучени родителите и многу други активности. Се имаме здобиено со многу награди на меѓународни, државни,општински и регионални натпревари каде учествуваме во континуитет. Нашето училиште е претпознатливо по тоа што иницијативата за активностите најчесто произлегува од идеите на учениците и наставниците. Еден од резултатите на нивната мотивираност, иницијативност и креативност е признанието со кое се здобивме оваа година, Европски знак за квалитет за прикажано високо ниво на иновативност и успех на eTwinning проектот “Fetons ensemble la journee europeeene des langues”, кој ќе биде ќе биде објавен на Европскиот портал на eTwinning.
МД:Ретко кое училиште има тим и капацитет да се справи со ова временска непогода, поплава од ваков тим како вие летово. Како се постаивте, какви предизвици имавте и како успеавте да започнете со настава на време?
АП: Ноќта за време на катастрофалните поплави, се контактираа сите вработени и ученици со кои можевме да стапиме во контакт, бидејќи линиите тешко се воспоставуваа, се со цел да се укаже прва помош. Веќе следниот ден се пристапи до училиштето, се мобилизираа сите вработени. Единствена цел во тој момент ни беше да помогнеме на своите колеги, ученици и месното население. Се започна со повторно контактирање на сите вработени кои беа зафатени од поплавата и укажување на помош. Колегите се екипираа и во тимови помагаа на своите колеги на кои тоа им беше потребно, како и на жители во Стајковци и Страчинци. Сите класни раководители ги контактираа своите ученици, родителите, се со цел да се помогне. Веќе вториот ден на помош пристигна војската и извидници ширум Европа кои помогнаа да се расчистат од кал, да се измијат и дизинфицираат приземните училишни простории каде беше формиран кризниот штаб кој беше лоциран во приземните училишни простории како и во училишниот двор. Училишните простории беа користени за преспивање на ангажираните војници, амбуланта која беше 24 часа, аптека, простор каде се складираа потребните продукти кои потоа во соработка со Центарот за труд и социјална политика, општината, месната заедница, војската, доброволци кои беа дојдени од сите страни да помогнат се разнесуваа на луѓето до домовите. Вработените беа мобилизирани, се формираа тимови кои дирекно помагаа на семејствата каде имаше потреба од физичка помош, како и две групи во две смени, каде што имаше координатор, подкоординатори, со различни задолженија (како на пример, примање и поделба на храна, облека, средства за хигиена, потребни продукти за бебиња, облека и се што пристигнуваше како помош). Благодарение на сплотеноста на нашиот колектив, која секогаш како директор ја нагласувам колку е важна, и за добро и за лошо, ние сме едно големо семејство, тимската соработка помеѓу вработените во колективот, големата желба да се излезе во пресрет на настраданите, а секако и успешното менаџирање, не штедејќи се себеси никој од нас, вложувајќи се максимално деноноќно посветено, успеавме да ги изреализираме задачите кои си ги поставивме пред себе, да го надминеме предизвикот и навреме да ја отпочнеме учебната година, се во интерес на нашите ученици.
МД:Што планирате во иднина со тимот и активностите кои сте ги планирале во делот на нови технологии, методологија и наставна програма?
АП:Во годишната програма за работа на училиштето имплементирана е програма за професионален развој на ненаставниот и наставниот кадар. Во континуитет вложуваме во развојот на нашите вработени. Перманентно следат семинари, обуки, конференции кои придонесуваат за поквалитетно образование. Имаме формирано најразлични тимови, меѓу кои тимот за еколошка едукација и поткревање на еколошката свест, тим за имплементација на мултикултурализмот, тим за следење, подготовка и имплементација на проекти поврзани со ЕУ фондови, училишен спортски клуб кој е задолжен за спортско промовирање на училиштето и многу други.И покрај елементарната непогода која ја имавме, во која беа уништени голем дел од компјутерите и компјутерска опрема, сепак комплетно опремивме еден кабинет со проектор, компјутери, а во истиот наскоро наставниците ќе имаат можност да употребуваат и интерактивна табла. Со компјутери се опремени и уште три училници, комплетно покриени со интернет мрежа каде се реалиираат планираните ИКТ активности, но учениците и дополнително ги развиваат своите ИТ компетенции. Во месец ноември беа вклучени во интернационалниот предизвик „Дабар“ (еден вид натпревар), наменет за ученици од основните и средните училишта (почнувајќи од 3-то одделение), кој има за цел да ја промовира информатиката и сродните науки. Планирани се активности кои опфаќаат опремување на кабинети и училници со современи нагледни средства, таблети и Смарт табли за поквалитетна настава во која се применува современа методологија и наставна програма се со цел да се потикне еден нов начин на пристап на усвојување на знаењата кај учениците.
МД: Каква соработка имате со други училишта во земјата и странство?
АП:Со другите училишта од земјата и странство имаме прекрасна соработка која што ја одржуваме со постојани заеднички проекти во кои разменуваме идеи и искуства. Нашето училиште е партнер училиште преку проектот за Меѓуетничка интеграција со две училишта во земјата. Нашата соработка се должи на континуирана реализација на најразлични активности кои вклучуваат ученици, родители и наставници, а се предвидени во годишната програма. Вклучени сме во еТwinning проектот. Неколку наставници од нашето училиште реализираат on- line часови со свои колеги ширум Европа преку скајп. Меѓусебно си разменуваат честитки по различни поводи, разменуваат искуство, споделуваат знаење и учат едни за други.
МД:На каков вид проекти сте учествувале до сега и што подготвувате во иднина на таа тема?
АП: Минатата година во нашето училиште се реализираше проектот „СОНЦЕ“ во соработка со Центарот за управување со кризи на Република Македонија, каде се реализираа едукативни работилници за ученици, наставници, други вработни и родители, како треба да се постапи при елементарни непогоди. Вклучени сме во проектот „Круг на хуманоста“ во соработка со Спомен куќата „Мајка Тереза“, кој за своја примарна задача има да ја развива хуманоста кај децата од најмала возраст. Во месец ноември нашето училиште беше домаќин на мини eTwinning конференција, организирана од страна на Националната агенција за европски програми и мобилност, во соработка со нашето училиште. На настанот присуствуваа претставници од градинките и основните училишта на општина Гази Баба. Целта беше запознавање со платформата eTwinning и можностите кои таа ги нуди за наставниците и учениците, како и презентирање на успешните проекти на предметните наставници Елена Блажевска и Биљана Арсова. Како плод на својата досегашна работа на натавникот по француски јазик Елена Блажевска и беше доделен еТвининг серификат за амбасадор. Таа учествуваше на работилница во Националната агенција за европски образовни програми на Република Македонија каде беше и разговарано за престојни задачи и обврски на амбасадорите со цел што подобро да се распространи и промовира етвининг платформата и исто така беше назначено дека за успешно спроведување на нивните активности, етвининг амбасадорите ја имаат целосната подршка од НА. Во континуитет ги следиме сите можности за вон наставно вклучување во проекти на национално и меѓународно ниво, за подобрување на личните и професионалните компетенци ина сите чинители на образовниот проце во нашето училиште.
МД: Ваши предлози за развој и поддршка на училиштата во Македонија?
АП: Во денешно време, флексибилноста, тимската работа, довербата и размена на информации се квалификации кои ги заменуваат досегашните строги структури, индивидуалниот натпревар, контролата и тајноста. Најдобрите лидери слушаат, мотивираат и помагаат. Посебно треба да се посветува внимание на мотивација, на поттикнување на работата на вработените се со цел остварување на целите на училиштето. Колку може да се задоволат неговите интереси, со што вработениот се посветува на целите на училиштето, што индирекно стануваат и негови цели. Да се применуваат стратегии за одржување на стабилност со комбинација и примена на стратегии на раст. Таквиот пристап во процесот е сеопфатен и ги содржи сите аспекти на организациското работење во училиштето, вклучувајќи го подобрувањето на инфраструктурните услови, подобрување на опременоста со наставни средства и помагала, унапредување на професионалните компетенции на наставниците и унапредување на односите со средината со посебен акцент на унапредување на воспитно образовната дејност и подигање на образовните резултати на учениците.