недела, 15 јануари 2017
Следете не на FACEBOOK!!!
мкденес / Интервју / Интервју со Игор Стефановски Иџе - Летечкиот македонец кој победи на легендарната патека Имола!
Ви благодариме!

Интервју со Игор Стефановски Иџе - Летечкиот македонец кој победи на легендарната патека Имола!

За Иџе другите велат, дека секогаш е насмеан и скромен, зрачи со оптимизам и успех, а на тркачката патека пеколно брз и храбар и недостижен. Ова се квалитети и доблести кои го красат нашиот автомобилски ас, кој полека, но сигурно веќе станува идол на помладите генерации. Игор Стефановски Иџе!

МД: Од каде љубовта кон мотоспортот и од која возраст ги започна првите чекори во овој спорт?

ИЏЕ: Самото место на живеење можеби го предодреди спортот на кој јас го подредив мојот интерес и кариера. Имено, живеев многу блиску до стартната линија на тркачката патека на Водно и од најрана возраст го слушав звукот на автомобилите и, како што би рекле, го осетив мирисот на октаните. Возраста не би можел да ја одредам бидејќи сметам дека од секогаш сум ги сакал брзите автомобили

МД: Како од држава што нема функционален мотоспорт се појави европски шампион во ридски трки?

ИЏЕ: Ова е често поставувано прашање и од странските новинари, но единствено што можам да кажам е дека со упорност, желба и многу, многу одрекување од лични, приватни задоволства, но пред се со поддршката на моето семејство успеав не само да ја освојам шампионската титула, туку и да ја одбранам. Ова е реткост, но кога нешто се сака, тоа и се остварува.

МД: Како десеткратен шампион, дали мислиш дека има надеж за македонскиот автомобилски спорт?

ИЏЕ: Секако дека има, јас би сакал да има и јас како Игор Иџе Стефановски со целиот габарит на титулите секогаш ќе застанам на страната на оние кои што сакаат да го возобноват овој спорт.

МД: Дали победата е послатка кога се ќе направиш сам, од пумпањето гуми до „прегазувањето“ на европската конкуренција, или кога зад тебе стои цела машинерија во која возачот не треба многу за се ангажира околу тоа?

ИЏЕ: Не смеам да го занемарам фактот дека и покрај мене секогаш имало луѓе, како брат ми кој ми е тренер и многу други блиски луѓе кои несебично ми помагале. Секако, разликата помеѓу нас и цела таа машинерија на другите тимови е огромна, што се однесува до ресурсите, но во професионалноста воопшто не сме подолу, а во желбата сигурно се многу, многу погоре.

МД: Има ли поддршка од државата за најдобриот македонски автомобилист на сите времиња?

ИЏЕ: Тука би го парафразирал Џ.Ф. Кенеди и би рекол — ајде да не гледаме што прави државата за нас, туку ние нешто да направиме за државата. Наградите што ги добивам се доволна сатисфакција за мојата работа, а сметам дека државата не треба да се меша во спортот туку стопанственици и компании во вид на спонзорство треба да го помагаат врвниот спорт.

МД: Автомобилите се нешто што најблиску ги носи луѓето до чувството да се биде суперхерој. Се чувствуваш ли како суперхерој додека се тркаш?

ИЏЕ: Не, воопшто. Се чувствувам како човек кој успеал во тоа што го сака.

МД: Имаш виртуелна академија за тркачи каде што секој може, барем на симулатор, да се „испроба“ на твојот или на некој друг тркачки автомобил?

ИЏЕ: Да, академијата е направена по урнек на европски и светски слични едукативни центри со цел првиот контакт на младите талентирани луѓе да бидат симулатори, па картинг и на крајот тркачки автомобили. Сметам дека тоа е исправниот пат да се појави некој нов шампион. Јас лично сум често во академијата и несебично им помагам.

МД: Кога парите не би биле проблем, кој е тркачкиот автомобил на твоите соништа?

ИЏЕ: Автомобили има многу, но сонот е еден. Брз, безбеден, и оној со кој ќе дојдам до нови титули.

МД: Што е за тебе врвот на кариерата? Со што би бил задоволен?

ИЏЕ: Можеби звучи нескромно, но мислам дека една титула во европскиот и една во светскиот шампионат на кружни патеки ќе бидат доволни.

МД: Која беше првата трка која ја имаш извозено?

ИЏЕ: Кружна трка Скопје - 2002, длабоко врежана во мене.

МД: Која е најдрага победа до сега во кариерата?

ИЏЕ: Имола, Италија - 2016, кога сите се сомневаа освен еден човек, покажав и докажав дека знам, можам и сакам и дека со конкурентно возило победува вештината и срцето.

МД: Што си помислуваш кога ќе седнеш зад воланот?

ИЏЕ: Прв, и ништо друго.

МД: Беше во посета на Ферари во Италија. Која беше целта на посетата и како се помина?

ИЏЕ: Не би ги откривал деталите, но во секој случај корисна посета.

МД: На твојата Фан страница има објавено едно видео каде што пишува ,, цела трка без ниту едно трепнување со очите,, Возможно ли е тоа?

ИЏЕ: И јас се изненадив кога го видов видеото, но концентрацијата и адреналинот, фокусот на патеката и останатите натпреварувачи очигледно го прават своето.

МД: Како помина изминатата сезона во новото натпреварување на кружни патеки и по што ќе ја паметиш?

ИЏЕ: Контроверзно, тимот од Словенија не го испочитува договорот и пет трки возев со стара спецификација, односно со неконкурентно возило. За да им биде појасно на читателите, тоа е исто како да возите југо 45 во категорија на југо 55. Последната трка на Имола, и покрај казната одлучив да го сменам тимот, добив идентично возило како моите конкуренти и победив. Многу стрес, многу нервози, но на крајот победа на легендарната Имола. Сметам дека не е мала работа токму на таа патека да се интонира македонската химна и да се развиори македонското знаме.

МД: Спортист на годината на Македонија во 2014 година како и одликувањето стипендист од светска категорија од страна на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија. Исто така, по завршувањето на кариерата, следува Национално спортско признание популарно наречено спортска пензија. Како е да се добијат сите овие признанија?

ИЏЕ: Чест, одговорност, гордост и обврска. Не би додал ништо повеќе.

Може да ве интересира

Видео: Даде гол со ножички, ја запроси девојката и доби казна од судијата!

Секој ден гледаме чудни ситуации на фудбалските теренот во целиот свет. Сепак, напаѓачот Напа Роверс, …

Translate »