Акција (Pet Friendly Places) – Познатите и нивните домашни миленици
Натпреварот за “НАЈТРЕНДИ МИЛЕНК ЗА 2016 година” заврши. Целта на истиот беше подигање на свеста за улогата на домашните миленици во нашите животи, за улогата на милениците во семејствата со децата и за нивната инклузија во општеството. За таа цел, сите пријавени учесници, но и оние кои сакаатда се вклучат се поканети на 13ти Јануари 2017година на дружба во акцијата за означување на “Pet Friendly Places”. Места каде може да влезете и престојувате со вашиот домашен миленик (организации, кафетерии, книжари, угостителски објекти, хотели, јавни установи, итн..)
Во оваа акција веќе ни се приклучија и неколку од познатите лица и општествено одговорни сограѓани. Истите ќе бидат објавувани до 13ти Јануари кога ќе може да се дружиме сите заедно. Ќе може да гласате и за нив и нивните миленици. За оние со најмногу гласови ќе следуваат изненадувања.
Наш соговорник е Г-дин Коста Петров кој во ова ексклузивно интервју за Македонија Денес ќе ни открие интересни детали за неговиот миленик Џорџи и неговиот пат од улица во Дубаи до Скопје и шеф на обезбедување во компанијата Пи Светот.
МД: Каков е вашиот однос кон домашните миленици, какво место има тој/таа во вашето семејство и од кога имате домашен миленик?
КП: Веќе 8 години имаме чивава како домашен миленик. Кучето го најдовме изгубено на улица кога живеевме во Дубаи. Мислевме дека избегал или некој го изгубил и неколку недели се обидовме да го најдеме сопственикот но за жал никој не се јави и на крај решивме да остане со нас. Беше доста комплицирано да го донесеме во Македонија кога решивме да се преселиме тука но на крај успеавме. Џорџи доаѓа со нас и на работа и во Пи Ворлд сите се шегуваме дека тој е шеф на обезбедување во компанијата.
МД: Дали сте имале проблеми кога со вашиот миленик ќе влезете некаде во вашиот град или низ македонија? Дали ни недостасуваат места кои се пријателски за домашни миленици(кученца, мачиња, итн) повеќе “Pet Friendly Places”, каде можете да се дружите со ваши пријатели?
КП: Мислев дека Дубаи не е “pet friendly” но за жал работите во Македонија и Скопје се многу полоши од таму. Ние реално секогаш имаме проблеми со кучето. Имаме проблеми со соседите во зграда кои кога ќе го погледнат бегаат како да шетам леопард со мене. Неколку пати некој од соседите дури имаше фрлено и отров пред зграда. Се сеќавам кога ги земавме првите канцеларии на компанијата, сопственикот се бунеше бидејќи имаме куче во просториите, а да не зборувам па за тоа дека не можеме во ниеден ресторан да го однесеме ниту супермаркет. Овие работи мора да се променат и верувам дека набргу ќе се променат.
МД: Опишете ни ја реакцијата на дечињата кога ќе ве видат со миленик, како реагират?
КП: Децата се радуваат, сакаат да си поиграт со него, ме прашуваат дали може да го погалат. Ќерка ми гордо го шета речиси секое утро и сите дечиња од маало сакаат да ги играат со него. Инаку ќерка ми во населба ни е најголемиот спасувач на мачки така да многу често се случува да одиме во супермаркет да пазариме, а да се вратиме дома со маче.
Она што сум приметил е дека во најголем дел, родителите се тие што прават проблеми со коментари од типот, пази да не те гризне, не го гали итн. Тој страв од кучиња кај децата најчесто е вештачки наметнат од страна на родителите и е нешто на што секој родител треба да поработи.
МД: Што ќе им препорачате на оние што немаат домашен миленик?
КП: Да се има домашен миленик е пред се голема одговорност. Кучињата знаат да бидат слатки но знаат и да се разболат, да направат по некоја белја и констнатно да го бараат вашето внимание. Во исто време ќе ви понудат безрезервна љубов и навистина ќе бидат вашиот најдобар пријател. Не земајте миленик ако не сте подготвени целосно да им се посветите. Тие се дел од вашето семејство, а не сладок подарок кој кога ќе направи белја завршува на улица. Јас искрено не би можел да го замислам нашиот живот без нашето куче.
Кој е Коста Петров?
Коста Петров е меѓународно признат претприемач, говорник, ПР експерт за нови пазари и најпродаван бизнис автор од регионот.
Тој е основач на (P World) Пи Светот, водечка агенција за светски настани со операции во 30 земји во Европа, Блискиот Исток, Централна Азија, Африка и Северна Америка. (P World) Пи Светот е исто така прва агенција за настани која организираше меѓународна бизнис настан во Исламската Република Иран.
Веќе две години по ред, Коста Петров се најде на листата на “Конгрес магазинот” како една од највлијателните личности “Професионалци за настани” во Југоисточна Европа.
Тој е исто така надворешен соработник и колумнист за изданието во САД за “Хафингтон пост” и редовен говорник на настаните во целиот свет на теми на односите со јавноста, лидерство и претприемништвото.
Коста е еден од најпродаваните автори во својата родна Македонија со своите дела “Се гледаме на врвот”, “Стравот”, “Нашето последно кафе”, “Малата црна книга на ПР-от”, “Никој не рече дека ќе биде лесно”. Тој е и уредникот и креативниот ум зад Малата Црна книга на ПР-от, првата книга за односи со јавноста напишана од страна на практичари и наменета за практичари.