Во близина на Скопје, во Стајковци се наоѓа првиот македонски тренинг центар за „service dog”. Таму европскиот шампион во дресирање на кучиња кои помагаат на лица со хендикеп, Тони Стојчевски обучува неколку кученца кои во иднина ќе треба да помагаат на деца и возрасни со хендикеп и посебни потреби.
Досега Тони има обучено многу кучиња низ светот и во Македонија кои помагаат на многу лица и им ги олеснуваат секојдневните обврски како облекување, пазарење, носење предмети ( телефон, чаша вода, штаки), отварање и затворање врати и многу други потреби на хендикепираните сопственици.
„Кога дојдов во Швајцарија, продолжив со понатамошното школување и, уште од 1988 се зачленив во клуб каде кучињата извршуваа хумана дејност, за луѓе со различни проблеми ( без вид, со проблем во движење, глувонеми, луѓе со дијабетес, и слично). Потоа, таа професија стана дел од мојот живот. Кога ќе видете како ваше куче помага на човек со парализа или куче кое води слеп човек и ги поминува сите препреки без проблем, тогаш се работи за професија која е многу тешка, одговорна, а од друга страна ви дава многу радост и внатраешно задоволство. Како дресер работам околу 20 години, а мојата дружба со овие животни започна уште кога имав пет години и куче како милениче во Струмица“- изјавил Тони пред неколку години за тоа како се одлучил да работи ваков тип на хуманитарна работа.
Првите кученца во „Dog Help International” тренинг центарот се малите Фани и Тами кои успешно ги поминаа своите први тренинзи.
Пред неколку дена во соработка со организацијата на пејачката Ребека - „Дајте ни крилја“, Тони израдува две дечиња и им подари две кутриња кои ќе бидат нивни најдобри другари во добро и лошо. Детската радост беше бескрајна.
Официјално центарот ќе стартува од 13-ти мај, а во склоп на тренинг училиштето ќе има и кафуле каде што ќе може да се разменуваат мислења и идеи за овие хумани кученца. Во иднина, Тони ќе дресира повеќе кученца, меѓу кои и малите Коби и Зофи, а се очекува во центарот да има што повеќе „service dogs” и да се крене свеста кај македонската јавност за тоа колку овие животни се потребни.
Едно од најпознатите кучиња на Тони е Блек, кој помагал на луѓе од целиот свет, а емисијата „Информа“ направи и прилог за овој мал херој: