Драги мои. Денес ме запрашаа кога за прв пат ги запознав моите сопственици и нивниот дом и колку време траеше процесот на адаптација. Дали и како се однесував во почетокот и кои методи моите сопственици ги применуваа за да можеме взаемно да се навикнеме едни на други.
За прв пат ги запознав моите сопственици кога имав 50 дена и сеуште живеев со мојата мајка. Дојдоа во мојот тогашен дом и ме земаа. Се сеќавам дека кога прв мат ме земаа во раце бев исплашена и целата се тресев. Кога стигнавме во нивниот дом во првите неколку денови спиев во плишано креветче кое ми го имаа купено и многу не се движев по домот. Веќе од четвртиот ден почнав да го истражувам просторот.
Се сеќавам како денес дека беше лето, многу топло и постојано пиев вода. Тоа влијаеше да постојано мочкам и тоа каде стигнам. Мојот сопственик се трудеше да ми објасни каде тоа треба да го правам (на плочките на балкон) но, мене навистина ми требаше време да се привикнам. Едноставно не можев да додржам да стигнам до балконот. Тогаш знам дека јадев ќотек. Мојот сопственик ме тепаше со весник по газето и со повисок тон на гласот ми кажуваше дека сум згрешила и ме земаше и носеше на балкон да ми каже дека таму треба да мочкам.
Истиот процес беше и со гризењето на тапетите и книгите по дома. Ме чешаа непцињата, требаше да менувам заби и правев бељи. Тоа беше краткотраен процес но, повторно весникот ‘работеше’. Потоа конечно се разбравме со сопствениците кој е ‘куќниот ред’ и дека истиот мора да се почитува.
Доколку земавте кученце во својот дом и тешко ви е взаемно да се привикнете би сакала денешната колумна да ја посветам на таа тема.
Вашето кученце постојано цвили, гризе се што му е на повидок, не се одзива кога го повикувате по неговото име, не сака да се гали, се плаши од деца. Вашата визија за кученце кое постојано ќе си игра со вас и вашето семејство, ќе се гали, ќе биде дисциплинирано и ќе ги слуша вашите команди се претвори во ваша фрустрација и потешкотија за тренинг на вашето кученце и адаптација во вашиот дом и семејство.
Нема сомневање дека првите неколку недели со ново милениче во вашиот дом може да биде исцрпувачко и да ве иритира. Тоа мало топче од крзно кое беше толку пријателско во домот на неговата мајка или одгледувачницата од каде го купивте, има некои однесувања што може навистина да ве доведат до лудило. За ваша утеха овие однесувања се нормални за кучињата. Она што е важно е дека тренингот по дома оди едноставно и брзо, а гризењето на мебел и облека треба веднаш да се запре или да се превенира.
Важно е да се запомни дека кученцата се секогаш во процес на учење за средината во која живеат и нивните сопственици, но тоа може да потрае додека кучето јасно не ги искристализира прифатливите модели на однесување. На пример, ако 10 недели старо куче не прави бељи по дома тоа е затоа што сопственикот на истото е обучен да ги прочита сигналите на кучето и истото да го изнесе надвор на прошетка кога е тоа потребно. Повеќето кученца се тренираат по дома од нивните четири месеци, но тоа може да одземе дополнителен напор и внимание кај сопствениците да спречат инциденти по дома дотогаш.
Првите 16 недели од животот на кученцето се од суштинско значење како тоа ќе се адаптира во неговото ново семејство. Раната социјализација од раѓање на седум или осум недели не може да се замени подоцна. Затоа ве советувам да земете кученце на оваа возраст. Колку повеќе кученцето остане со својата мајка и семејството каде таа живее, може да доведе до негово проблематично однесување кое подоцна ќе биде проблем за новите сопственици да го спречат.
Релаксирајте се. Кученцата навистина се едноставни за справување – со неколку дневни оброци, неколку прошетки надвор во текот на денот, многу спиење балансирано со игра и анимација се општо правило за тренинг во првите недели откако ќе го земете вашиот нов миленик.
Социјализацијата на вашето кученце е важна, но не е клучна работа. Кученцата треба да бидат изложени на секојдневни звуци, на различни површини, како и на нивно милување од повеќе возрасни и деца пред да заминат во нивниот нов дом. Откако кученцето ќе дојде во својот нов дом, неговите хоризонти треба уште повеќе да се прошират. Социјализацијата е совршена можност за дружење и приврзување со новите сопственици.
Следете ме секојдневно на мојата facebook страна: https://www.facebook.com/LunaMalteseDog/