Васил Гарванлиев за Македонија Денес открива интересни детали од својот живот,професионалниот и приватниот живот.
МД: Васил би сакал овој наш разговор да го започнеме од крајот. Што е она што Гарванлиев го работи во својата професионална кариера во моментов? Како последните години промени повеќе оперски куќи но и држави, што во моментот работиш во Лондон?
В.Г: Ова беше, и е голем период на транзит. Пред две години ја претставував Македонија на Монтреалскиот Интернационален натпревар во оперско пеење и стигнав до топ шесте финалисти. Но во еден момент, жири комисијата ме тргна на страна, и ми соопшти дека имам прилично интересен глас, но дека јас сум тенор, а не бас баритон, како што мислам. Со самото тоа, може да замислите каков процес на трансформација ме очекуваше. Се предадов на можноста и да се изградам како тенор. Јас имав поприлично солидна кариера, како бас баритон изминатата декада, со над 50 улоги и ова беше прилично голем шок за мене. Морав да ги одложам и откажам сите мои настапи во период од две години, и да се посветам на гласот од почеток. Прво имав учител во Њу Јорк, и сега имам нов, соодветно добар во Лондон. Моето деби како тенор го имав на еден престижен фестивал минатото лето, по што бев претставен на сегашниот учител. Поголемиот дел од времето во Лондон се користеше на лекции и проби, како и зајакнување на гласовните можности. Ова е сериозно голем ризик кој го преземам на свои 32 години, но е воедно и еден на кој најмногу му верувам дека набргу ќе се исплати.
МД:Претходно беше во САД. Може ли малку повеќе за твоите тамошни ангажмани. Што Васил го смета за успех во кариерата во Америка?
В.Г:Се преселивме во САД како емигранти. Не бев ни сигурен дали ќе продолжам да пеам. Но тогаш се започна со онаа “на вистинско место во вистински момент” па се приклучив кон јуниорскиот школски хор од каде мојот учител ме зеде под своја закрила и ме претстави во светот, на глобалната музичка сцена и ме запозна со секој можен стил. Ме однесе со себе во култниот Чикашки детски хор. Станав набрзо и солист, исто така и преку неа ми се отворија многу можности. Пеев за многу познати светски ѕвезди преку хорот. Селин Диор, Р. Кели. Јоланда Адамс, Ник Картер, Џули Адамс и листата навистина нема крај. Тоа ми овозможи да ја видам светската елита уметници, како ја работат професијата, и како се справуваат со неа. Најголемиот успех во Америка беше наоѓањето втора, избрана или заменска фамилија. Мојот живот таму има свои темни и светли страни.
МД:Базата сепак беше Канада. Се смета дека си еден од најбараните млади баритони во Канада. Како едно момче македонче стигна до Канада? Како сум информиран првиот пат и не беше успешен обидот да стигнеш преку големата вода? Што нуди Канада за сметка на Македонија?
В.Г:Мојот живот е патешествие, меѓу уметноста и креативноста и администратвните замки и бирократијата. Сеуште се борам со документи со моите родители и за Канада и за САД. Тоа е уште една причина зошто се вратив од преку барата. Канада самата по себе е посебна и посветува огромна нега и внимание како и помош на луѓе кои имаат талент во себе. Ја имав таа среќа да бидам примен на Кралскиот конзерваториум на музичката Глен школа а потоа и на Универзитетот во Торонто, и на двете со целосна школарина. Канада може да ти го даде светот на дланка и да ти овозможи да направиш разлика. Иако мислам дека скоро секоја држава може да ти го овозможи истото, ако си гладен а имаш храброст да рискираш се и го направиш тоа.
МД:Образованието го започна во Италија, Милано ако добро се сеќавам, колку тоа делуваше на се горенаведено и на тебе лично?
В.Г:Италија беше голема појдовна точка и пресвртница. Моето семејство беше штотуку депортирано од САД и ние во еден момент немавме каде да одиме. Јас веќе студирав во Њу Јорк и токму во тие мигови победив на многу голем натпревар во САД со награда која овозможуваше школување т.е. студии како претседателски стипендист, но со депортацијата ги изгубив можностите. Италија се случи сосема неочекувано. Бев испратен на Лондонскиот кралски колеџ на аудиција. Всушност требаше две години од студиите да поминам во Лондон, а следните две до САД. Бев примен, но ми кажаа дека ќе почнам од следната година. Бев во Скопје на интервју, па по некоја случајност Борис Трајанов помина додека пеев јас, па ме замоли да продолжам да пеам. Сега како се сеќавам, можеби и тогаш спомна, прв, дека сум тенор, но не го зедов тоа здраво за готово. Сеуште не знаев да пеам. Ми рече дека ќе ме прати кај маестро Ферари во Милано, и дека таму ќе знам дали ќе ме прифати. Ме препорача и останатото е историја. Ми беше тешко да го оставам семејството на 17 години и да се впуштам во ова патешествие, но едноставно знаев дека морам. Беше искрено неверојатно искуство но и болно. Мојот татко почина година подоцна. Јас го видов него само еден час во тие две години. Италија беше посебна и важна затоа што ме научи на една од најважните животни лекции. “Само преку искуството на болката … ние всушнос учиме да го цениме вистинското значење на радоста.”
МД:Се сеќаваат на тебе како детето кое ја испеа “Марионка” пред повеќе од 20 години. Од оваа временска дистанца, и тогаш знаеше дека пеењето е твојот живот или настапот беше детска желба?
В.Г:Никогаш не постоеше друг пат. Јас сум роден да пеам. Имав среќа и сум благословен што бев откриен на таа мала возраст, и од тогаш пеењето е моја пасија но и професија. Мојата желба и тогаш и сега е да станам универзален пејач на светот. Да покажам дека можеме да пееме било кој стил се додека преку гласот можеме да ја искажеме искрена приказна која ја носиме со себе.
МД:Сериозно котира твоето име и во светот на операта. Како следам сега си постојано на релација САД - Англија. Како Васил и покрај се успева постојано да е позитивен, расположен, насмеан пред се?
В.Г:Мојата сила и слабости во животот се љубовта. Би направил се само ако има љубов. Во секоја дадена ситуација секогаш барам добрина или позитивна енергија и се обидувам воедно да ги инспирирам на истиот начин и луѓето околу мене. Би рекол дека тоа е клучот. Секој кој добро ме познава би ви го одговорил истото. И се смеам постојано. Всушност во себе сум мало дете кое се смее, вика и пее. Нормално ова е и начин на прифаќање на тешкиот живот каков што е. Ги прифаќам болката и темнината како што доаѓаат но се фокусирам на доброто преку лекциите на кои ме научиле.
МД:Професионално не сум те видел во Македонија. Корегирај ме ако не е така. Но тука си постојано кога и да има потреба, и за семејството и пријателите. Васил излезе од Македонија но Македонија никогаш не го напушти Васил, па годиниве си се почесто дома. Каде е твоето дома?
В.Г:Дома? Сеуште не е одредено. Често со насмевка велам дека дома е каде ти е срцето, но за мене ќе биде каде ќе се заљубам и каде ќе продолжам со мојот партнер да живеам. И нормално на место до кое има аеродром, да можам набрзина да полетам и долетам, да одржам концерт и потпишам договор. Додека кога зборуваме за Македонија конечно ќе имам голем соло концерт ова лето.
МД:Што е она што без разлика каде и да си, ти недостига од Македонија?
В.Г:Мирисот. Храната. Благо, ладно нес со чаша вода со мраз. Ајвар. Семејство.
МД:Имам впечаток дека ти не работиш. Ти и покрај се што преживуваш, уживаш во својата професија. Дали Васил конечно го живее својот сон или секогаш го има уште она малку за да биде како треба?
В.Г:Имам многу соништа за отварување. Сакам да сум успешен пејач но тоа не е така плиток сон, сакам да сум глобален амбасадор кој ќе ја споделува својата приказна, а со тоа и потеклото и наследството, искуството, преку мојот глас до сите краишта каде може да стигне, инспиририајќи ги другите да бидат истрајни и самоуверени дека ако еден мал струмичанец можел, секој може.
Би рекол дека мојата цел не е постигната и не е на хоризонтот. Секогаш на патот кон успехот јас не сум одминал ниту еден камен а да не се сопнам, но за среќа, тоа секогаш ме правело посилен да ја искористам шансата која настанала и да направам позитивна измена.
Разговараше:С.Н.