Натпреварот за “НАЈТРЕНДИ МИЛЕНК ЗА 2016 година” заврши. Целта на истиот беше подигање на свеста за улогата на домашните миленици во нашите животи, за улогата на милениците во семејствата со децата и за нивната инклузија во општеството. За таа цел, сите пријавени учесници но и оние кои сакаат да се вклучат поканети на 13ти Јануари 2017година на дружба во акцијата за означување на “Pet Friendly Places”. Места каде може да влезете и престојувате со вашиот домашен миленик (организации, кафетерии, книжари, угостителски објекти, хотели, јавни установи, итн..) Секој оној кој во својот град ќе успее да пронајде или поттикне барем еден таков објект да е “Pet Friendly Place” ќе добие посебно изненадување за неговиот миленик.
Во оваа акција веќе ни се приклучија и неколку од познатите лица и општествено одговорни сограѓани. Во најава истите ќе бидат објавувани до 13ти Јануари кога ќе може да се дружиме сите заедно. Ќе може да гласате и за нив и нивните миленици. За оние со најмногу гласови ќе следуваат изненадувања.
Викторија Серафимовиќ – Итка е нашиот прв соговорник кој се приклучи на акцијата за означување на “Pet Friendly Places” и со читателите на Македонија Денес ги сподели своите размислувања околу оваа акција како и искуствата кои таа ги има со нејзиниот миленик преслатката Луна:
МД: Каков е вашиот однос кон домашните миленици, какво место има тој/таа во вашето семејство и од кога имате домашен миленик?
Викторија: Луна ми спие на перница, на маса, всушност спие каде и да посака, се качува насекаде и ја третираме како рамноправен член на семејството. Таа ми е второ куче по ред, првото го чував 11 години, Луна има 3 полни што значи дека пола живот го поминав со кучиња, а да не зборувам за уличните што како дете ги носев дома, ги ранев и ги бањав во када.
МД: Дали сте имале проблеми кога со вашиот миленик ќе влезете некаде во вашиот град или низ македонија? Дали ни недостасуваат места кои се пријателски за домашни миленици(кученца, мачиња, итн) повеќе “Pet Friendly Places”, каде можете да се дружите со ваши пријатели?
Викторија: Нормално дека имам проблеми како и сите и тоа се случува само во Македонија за жал. Додека беше многу мала и имаше само 2 килограми, во раце ја пренесов од гаражата во Капитол до Дежа Ву. Обезбедувањето веднаш изреагира како да влегов со тигар, значи поубаво носете си оружје него куче во раце. Секако дека ни недостасуваат такви места, но не сум оптимист дека во догледно време кај нас тоа ќе се реализира, уникатни сме. Барем во нешто.
МД: Опишете ни ја реакцијата на дечињата кога ќе ве видат со миленик, како реагираат?
Викторија: Преслатки се дечињата и нивните реакции со оглед на тоа дека Луна наликува на кадифена играчка што оди и е секогаш дотерана. Сите сакаат да ја галат и гушкаат, но не секогаш родителите им дозволуваат. Наидувам на реакции од типот „не го гали кучето ќе те касне, полно е бактерии итн.“ Сепак мислам е до менталниот склоп на родителите и домашното воспитување на децата на оваа тема. Им препорачувам да се едуцираат малку повеќе на истава.
МД: Што ќе им препорачате на оние што немаат домашен миленик?
Викторија: Итно да си набават, да вдомат, да купат, кој како милува. Животот со миленик е поубав и повесел!