Светот на културата и уметноста во Македонија е во постојан подем. Се појавуваат се повеќе и повеќе млади и ентузијастични креатори од сите бранши на уметноста. Луѓето се ослободуваат на креативно ниво и ја имаат самодовербата да ја истакнат и прикажат својата работа, со што се овозможува поголем успех и подобрување на истата.
Македонските фотографи во никој случај не се за потценување. Секој со своја уникатна визија и различна порака која сака да ја испрати во атмосферата. Живеејќи во ерата на интернетот ја имаме привилегијата да дознаваме за нови имиња кои постојано сакаат да се докажат себеси. Еден од најталентираните визуелни уметници на македонската сцена е 20 годишниот фотограф Владимир Видановски, кој со својата уникатна естетика и добро развиена техника успеа да го привлече вниманието на сите оние кои се заинтересирани за овој свет.
Ја имавме можноста да му поставиме неколку прашања и да добиеме неколку фотографии кои би ви дале приказ во она што тој го прави најдобро.
МД: Кои емоции најчесто ги внесуваш во твојата работа?
ВВ: Најчестите емоции кои сакам да ги прикажам преку моите дела се мечтаењето и меланхолијата. Колку и да звучи мрачно тие две чувства мислам дека имаат најмногу влијание врз публиката кога се прикажани на фотографија.
МД: Какво е чувството да бидеш фотограф во Македонија?
ВВ: До некое ниво сум среќен што моите почетоци се токму во оваа држава, покрај тоа што искрено како скоро секој друг млад креативец од Македонија посакувам да ја напуштам. Среќен сум затоа што во Македонија како држава што се уште се’ пронаоѓа во светот на модерната уметност си најчесто поддржан во својата уметничка насока, па посебно и како помлад уметник.
МД: Што највеќе те поттикна да станеш дел од овој свет?
ВВ: Најпрва гранка на фотографијата по која тргнав е портретната. Сакав да ги доловам емоциите на луѓето во еден краток момент преку фотографија. Од таму се заљубив и во модата, па преку тоа и во модната фотографија што моментално ми е главна насока по која се движам.
МД:Каков е односот клиент-фотограф во нашето општество? Какво искуство си имал ти досега?
ВВ:Односот е дефинитивно на професионално ниво. Прекрасно е што клиентот е скоро секогаш дел од фотосесијата и дава огромна креативна слобода, учи од мене и јас учам од нив. Сите мои искуства со клиенти од нашиот крај до сега биле позитивни, со тоа што и поради моите млади години секогаш ми давале поддршка и поттик.
МД:Како го обработуваш концептот за една фото-сесија?
ВВ:Првиот чекор на планирање на една фотосесија е, секако, идејата. Идеите ги наоѓат насекаде – во светот околу мене, во уметнички дела, музика, филм. Откако ја имам главната насока по која планирам да се упатам, ја создавам приказната што сакам да ја доловам низ фотосесијата. Започнувам со истражување и собирање на материјал за создавање на еден „mood board”, односно колекција од слики и разни медиуми што се на темата на сесијата што сакам да ја прикажам. Верувам дека тоа е неопходно за создавање на успешна приказна. После тоа е самото планирање на дејствието, односно избирање модел, шминкер, закажување на термини, собирање материјали и сл.
МД:Дали може да се живее од оваа професија во Македонија?
ВВ: Секако дека може да се живее како фотограф во нашата држава, но за жал не толку со насоката по која сум тргнал јас. Модната сцена е сеуште релативно млада во кај нас, па со тоа и бројот на потенцијални клиенти е ограничен.
МД: Која е твојата најголема желба како креатор? Некоја порака што служи како главна зад сите фото-сесии што се трудиш да ја пренесеш?
ВВ: Мојата најглавна цел како уметник е да го усовршувам мојата занает до крајот на животот, никогаш да не застанувам. А моментално најголема желба ми е да успеам како фотограф пошироко од родниот крај. Искрено немам некоја конкретна порака што ја имам позади сите мои дела, но зад секое има посебна што сакам самиот гледач да си ја сфати на свој начин.
МД:Што сметаш дека треба да се промени највеќе кај нас во поглед на односот кон и поддршката кон сите креатори во Македонија?
ВВ: Според мое искуство, повеќето од креативците во Македонија имат само еден начин преку кој можат да се експонираат – Интернетот. За среќа тој е и моментално еден од најуспешните извори за еден уметник да ги прикажи своите дела, па преку тоа и да бидат проширени низ повеќе медиуми. Но, за жал, како што кажав погоре во врска со професиналноста од страна на клиентите, таа многу често ја нема кај медиумите. Зборувам поконкретно за новинарите. Тие не секогаш го имаат оној почит кон креативците, посебно фотографите, што верувам дека секој медиум треба да го има. Тоа е нешто што би сакал да биде на по професионално ниво кај нас.
МД:Што е следно за Владимир?
ВВ: Следно и главно за мене како што веќе кажав е да го искусам светот надвор од мојата родна земја. Планирам моите студии да ги продолжам во странство, со тоа и да се стекнам со повеќе знаења и способност и секако да си ги надградам моите вештини на ниво со кое ќе можам навистина да ја наречам фотографијата како моја професија.
Погледнете ја галеријата со фотографии подолу, а следете го Владимир преку неговата веб страна.